Околу 60 проценти од потрошувачите во Харковскиот регион останале без електрична енергија по масовен руски напад. Во сила се повеќе рунди планирани и итни исклучувања, со приоритет за домаќинствата што имаат проблеми со греењето.
Началникот на регионалната воена администрација, Олех Сињехубов, на брифинг изјави дека одлуката се однесува првенствено на градовите Харков и Лозова.
– Речиси 60 проценти од населението е без електрична енергија. Нашата главна цел е да обезбедиме електрична енергија за оние домаќинства каде што постои ризик за системот за греење – рече Сињехубов.
Тој посочи дека во областа се воведени помеѓу четири и четири и пол рунди планирани прекини, додека дополнителни околу 200.000 потрошувачи биле погодени од итни прекини, што вкупно достигнува околу десет рунди.
Според Сињехубов, рускиот комбиниран напад траел повеќе од пет часа, по што следеле поединечни напади со беспилотни летала „Шахед“ над Харков и околината.
– Веруваме дека непријателот го направил ова намерно, со цел да ги спречи единиците на Државната служба за вонредни ситуации, енергетските специјалисти и комуналните служби навремено да ја започнат рехабилитацијата и реконструкцијата. На температура од минус 25 степени, секоја минута е клучна кога станува збор за враќање на греењето и снабдувањето со енергија – рече тој.
Во ноќта меѓу 2 и 3 февруари Харков бил подложен на масовен комбиниран напад, при што, според канцеларијата на регионалниот обвинител, повредени се четири лица. Во Лозова, околу 16.000 жители останале без греење.
