Пробниот период донесе значително намалување на загинати и повредени
Министерот за внатрешни работи Панче Тошковски истакна дека граѓаните активно придонеле за намалување на бројот на жртви во сообраќајот по воведувањето на пробниот период на проектот „Безбеден град“.
„Горд сум на граѓаните затоа што имаме драстично намалување на бројот на жртви во сообраќајни несреќи во Скопје откако почна пробниот период на ‘Безбеден град’“, рече Тошковски во вечерашното гостување во дневникот на телевизија Сител.
„Сакам да им се заблагодарам на граѓаните затоа што докажаа дека без казни успеаја бројот на загинати да го намалат од 11 на два смртни случаи во периодот декември-јануари, споредено со декември 2024-јануари 2025 година. Бројот на повредени граѓани на територијата на СВР Скопје за овие 50 дена колку што функционира ‘Безбеден град’ е намален за 35 посто“, додаде тој.
Целта на проектот е поголема безбедносна култура и помал број прекршоци
Тошковски посочи дека главната цел е зголемување на безбедносната култура на граѓаните и намалување на сообраќајните прекршоци и човечки жртви.
„Почнавме од 100.000 прекршоци дневно, но сега се драстично помалку. Сепак, се уште станува збор за голема бројка“, рече министерот.
Тој ги образложи прекршоците кои ќе се санкционираат преку системот „Безбеден град“:
„Системот ‘Безбеден град’ ќе констатира минување на црвено светло, возење со брзина над дозволената, неправилно паркирање и нерегистрирани возило. Многу е важно да знаеме дека ние оваа придобивка на паметните камери ја имаме наназад 15 години. Министерството за внатрешни работи повеќе од 15 години ги користи во рамки на својата оперативна и криминалистичка дејност од аспект на откривање на сторен криминал. Секако дека камерите ќе бидат користени и за конкретни кривични дела кои што се потребни да се откријат“, истакна Тошковски.
Плаќањето на казните ќе биде можно преку електронски систем и апликација
Министерот објасни дека граѓаните ќе можат да ги плаќаат казните електронски, традиционално во банка или во полициска станица, како и преку апликации на банките:
„Ќе има и посебна апликација која што ќе биде изготвена од страна на МВР и ќе биде овозможена да се користи од страна на граѓаните, каде што со посебна заштита и автентификација на корисникот ќе се осигураме дека станува збор за таа личност дека ја користи апликацијата, ќе добие соодветни информации на меил адресата и на телефонскиот број што го оставила личноста и ќе може да се најави на предметната апликација. На таа апликација ќе може да се изврши уплата, да изврши увид на сите санкции кои се изречени итн.“, заклучи министерот Тошковски.
