Системот „Безбеден град“ треба да почне да функционира и во Охрид и во Струга, каде ќе бидат поставени вкупно 40 сообраќајни камери за детектирање прекршоци и подобрување на безбедноста во сообраќајот.
Дел од инфраструктурата веќе е поставена на терен. Четири камери се инсталирани на автопатската делница Охрид – Кичево, на потезите кај селата Горенци и Требеништа, како и кај Ботун и Ново Село во општина Дебрца. Во моментов камерите не изрекуваат казни, бидејќи системот е во фаза на техничко тестирање и проверка на уредите.
Од СВР Охрид информираат дека целта на проектот е намалување на бројот на сообраќајни прекршоци и незгоди, особено во периоди на зголемен сообраќаен метеж, како што е туристичката сезона. Во тој период, како што посочуваат, значително се зголемува ризикот од несовесно возење, непрописно паркирање и опасни претекувања на магистралните патишта и при влезовите во туристичките зони.
Охрид и Струга не се првите градови каде се воведува системот „Безбеден град“. Проектот веќе започна да функционира во Скопје, Куманово и Тетово, каде од 1 февруари 2026 година започна и изрекувањето казни, по завршениот тест-период кој започна на 1 декември 2025 година.
Според најавите, системот ќе продолжи да се шири низ целата држава. Во почетната фаза се следат неколку видови сообраќајни прекршоци, со план постепено да се проширува и бројот на прекршоци што ќе се санкционираат, како и бројот на локации опфатени со камери.
Граѓаните се информираат дека камерите во Охрид и Струга ќе станат активни по завршување на тестирањата и официјалното пуштање на системот во употреба. Како најризични точки се посочуваат деловите каде традиционално се бележи брзо и хаотично возење или непрописно паркирање.
Од надлежните се нагласува и значењето на транспарентноста и заштитата на личните податоци. Граѓаните имаат право да бидат информирани каде се поставени камерите, кои прекршоци се санкционираат и како функционира системот, со цел проектот да придонесе за поголема безбедност и ред во сообраќајот.
