Директорот на АНБ, Бојан Христовски, по седницата на Советот за безбедност, изјави дека институциите се во континуиран процес на безбедносна проценка и справување со ризици
На втората седница на Советот за безбедност, што се одржа во Кабинетот на претседателката Гордана Силјановска Давкова, директорот на Агенцијата за национална безбедност, Бојан Христовски, изјави дека состојбата во земјата е стабилна. Но институциите остануваат посветени на постојана безбедносна проценка и справување со потенцијални ризици.
„Денеска присуствував на втората седница на Советот за безбедност во Кабинетот на Претседателката Гордана Силјановска Давкова. Таму заедно со колегите разговаравме за регионалните и националните безбедносни предизвици,“ напиша Христовски на својот Фејсбук профил.
Тој додаде дека безбедносната проценка на состојбите покажува стабилност. Но и потреба од внимателен мониторинг на сите потенцијални закани. Меѓу нив ги посочи геополитичките ризици и климатските фактори, како што се пожарите.
„Безбедносната состојба во државата е стабилна. Но остануваме внимателни и посветени на справување со ризиците. Од геополитички закани до климатски предизвици како пожарите. Во континуитет работиме на системски и технолошки решенија за подобрување на раното предупредување и заштитата на граѓаните“, истакна директорот на АНБ.
Христовски нагласи дека институциите работат координирано, со акцент на професионална безбедносна проценка, транспарентност и соработка на сите нивоа.
„Националната безбедност е наша заедничка одговорност, и затоа ја темелиме врз соработка, проактивност и одговорно водење политики,“ заклучи Христовски.