Кандидатот за градоначалник на Град Скопје, Орце Ѓорѓиевски, денес ја посети општина Аеродром, на едно од најфреквентните и најризичните сообраќајни места во градот, каде информираше за плановите за редизајн и модернизација на инфраструктурата.

„Овде, секојдневно се соочуваме со голема фреквенција на возила, пешаци и ученици од основното училиште ‘Блаже Конески’. За жал, бројните сообраќајни незгоди што се случуваат токму на ова место, јасно сведочат дека е повеќе од неопходно современо и трајно сообраќајно решение. Креирајќи ја програмата за Град Скопје, безбедноста на граѓаните ја поставивме како нејзин главен приоритет. Секој проект што го предвидовме има двоен ефект: подобрување на протокот на возила и истовремено намалување на брзината на возилата, со што директно ја зголемуваме сигурноста на сите учесници во сообраќајот. Токму затоа, еден од првите проекти што ви ги претставувам како дел од мојата програма е редизајнот на ова вкрстување меѓу булеварите ‘Кузман Јосифовски – Питу’ и ‘Јане Сандански’ со улиците ‘Руди Чаевац’ и ‘Симеон Кавракиров’. Оваа точка ќе ја решиме со проектирање на модерен кружен тек, според највисоки европски стандарди – со безбедносни острови, јасна сигнализација, уредени пешачки премини и оптимизирани пристапи. Така ќе обезбедиме побезбедно, побрзо и поефикасно движење за сите“, истакна тој.

Ѓорѓиевски посочи дека овој кружен тек е дел од концептот за редизајн на 50 критични крстосници и улици, со цел до 2030 година да се достигне визијата „нула фатални несреќи“. Проектите вклучуваат воведување кружни текови, подигнати премини и визуелни ограничувачи, со цел намалување на брзината и зголемување на видливоста.

Тој додаде дека еден од капиталните инфраструктурни проекти е продолжувањето на булеварот „Февруарски поход“ со нов мост преку реката Вардар, кој директно ќе се поврзе со улицата „Перо Наков“.

„Со оваа интервенција ќе се создаде нова, моќна сообраќајна оска што ќе ги обедини општините Аеродром и Гази Баба, ќе ги интегрира индустриските капацитети и јавниот превоз, ќе ја подобри мобилноста и ќе овозможи рамномерен развој на источниот и западниот дел од градот. Сите овие проекти – кружните текови, безбедните крстосници, продолжувањето на булеварите и изградбата на нов мост – не се само проекти за Аеродром, туку се проекти за цело Скопје. Моја визија е Скопје да стане град во кој секое дете безбедно стигнува до училиште, секој возач безбедно пристигнува дома, а секој граѓанин живее во средина со современа инфраструктура и европски стандарди“, заклучи Орце Ѓорѓиевски.