Соединетите Американски Држави имаат целосна доверба во заштитата и сигурноста на сите свои воени објекти ширум светот. Ова денеска го изјави американскиот државен секретар Марко Рубио, коментирајќи ги последните стратегиски потези на американската армија. Изјавата доаѓа во период кога Вашингтон донесе одлука за дислокација на воените авиони.

Говорејќи за одлуката на американското Министерство за одбрана да ги повлече своите бомбардери од типот Б-1 од британската база Феарфорд, Рубио појасни дека Пентагон континуирано врши прераспределба на своите ресурси на локациите каде што се најпотребни. Според него, станува збор за стандардно пренасочување на капацитетите во согласност со оперативните потреби.

Американскиот шеф на дипломатијата подвлече дека овој чекор на Пентагон не треба директно да се поврзува со инцидентот што се случи минатата недела во истата британска база. Во таа акција беа приведени пет лица под сомнение за подготовка на терористички напад, но Рубио нагласи дека повлекувањето на авионите Б-1 од Феарфорд не е последица на тој настан, додавајќи дека британските власти обезбедиле целосна и непречена соработка во текот на целиот случај.