Индонезискиот претседател Џоко Видодо соопшти дека на рускиот претседател Владимир Путин му пренел порака од украинскиот претседател Володимир Зеленски.
Видодо во средата во Киев се сретна со Зеленски, додека вчера беше во Москва на средба со Путин.
Индонезискиот претседател во изјава за Би-Би-Си вели дека на Путин му ја пренел пораката од Зеленски, без притоа да открие детали за содржината. Тој ја пренел својата подготвеност да помогне во иницирањето комуникација меѓу двајцата лидери.
Видодо уште најави дека Индонезија ќе продолжи да соработува со Русија, додека рускиот претседател по средбата пред новинарите соопшти дека Русија е подготвена да ги задоволи потребите на Индонезија за ѓубрива, чие снабдување е засегнато поради војната во Украина и западните санкции кон Москва.
Индонезискиот лидер е актуелен претседател на групата Г-20 и член на Кризната група на ОН формирана да одговори на заканата од глобален глад.
Видодо во Киев го поканил Зеленски на учество на Самитот на Г-20 закажан за ноември на Бали.
Украинскиот претседател му рекол на Видодо дека неговото присуство ќе зависи од тоа кој друг ќе биде таму. Русија е членка на Г-20 така што постои веројатност на самитот да учествува рускиот претседател Путин.