Поранешниот американски претседател Бил Клинтон и поранешната државна секретарка Хилари Клинтон се согласија да се појават пред Комитетот за надзор на Претставничкиот дом во рамки на истрагата за Џефри Епштајн. Информацијата ја објави „Њујорк тајмс“.

Според весникот, тие ги прифатиле барањата на републиканците неколку дена пред Претставничкиот дом да гласа за нивно непочитување на Конгресот. Претходно, со месеци одбивале да се придржуваат до судските покани од претседателот на Комитетот, Џејмс Комер, оценувајќи ја истрагата како политички мотивирана.

Промената на ставот следувала откако дел од демократите во комитетот ги поддржале републиканците во барањето за кривични обвиненија против Бил Клинтон поради несоработка.

Сведочењето на Бил Клинтон пред пратениците би било речиси невиден настан, бидејќи ниту еден поранешен американски претседател не сведочел пред Конгресот од 1983 година.

Комитетот најавува дека фокусот ќе биде на врските на високи демократски функционери со Џефри Епштајн и неговата соучесничка Гислен Максвел. Обидите на адвокатите испрашувањето да се ограничи на четири часа биле одбиени од претседателот на комитетот, кој го оценил предлогот како недоволен.