Министрите за надворешни работи на Македонија и Бугарија, Тимчо Муцунски и Велислава Петрова, ќе се сретнат в четврток во Софија. Средбата ќе се одржи на маргините на меѓународна министерска конференција посветена на Коридорот 8, чиј домаќин ќе биде бугарската министерка.

Бугарското Министерство за надворешни работи потврдило за БТА дека двајцата шефови на дипломатии ќе имаат можност за билатерална средба во рамките на конференцијата.

„Форумот, на кој ќе присуствува и министерот за надворешни работи на Република Македонија, Тимчо Муцунски, ќе овозможи одржување билатерална средба како дел од тековниот дијалог меѓу двете земји“, соопштиле од бугарското МНР.

Иницијативата за средба на министрите произлезе за време на посетата на претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, на Скопје. По нејзин совет, премиерот Христијан Мицкоски го замолил Муцунски да побара средба со Петрова, во обид да се поттикне процесот за решавање на проблемот со бугарската блокада на евроинтеграцијата на Македонија.

Македонското Министерство за надворешни работи претходно потврдило за МИА дека е побарана средба меѓу министерот за надворешни работи и надворешна трговија Тимчо Муцунски и бугарската министерка за надворешни работи Велислава Петрова-Чамова. Според најавата, средбата требало да се одржи неделава на маргините на министерскиот состанок во Софија посветен на Коридорот 8.