Алиу: Процедурите се активни, деталите не можат да се објават
Министерот за здравство Азир Алиу изјави дека во овој момент не може да изнесе детали за истрагата за петте тони марихуана запленети во Србија, за кои постојат сомнежи дека потекнуваат од Македонија. На денешната прес-конференција тој посочи дека работните групи на Министерството за здравство и Министерство за внатрешни работи интензивно работат на случајот и дека не би прејудицирал кога би имало извештај.
Се подготвуваат законски измени поради утврдени слабости
Алиу нагласи дека процедурите се во тек и дека јавноста ќе биде информирана кога истрагата ќе биде во понапредна фаза. Тој додаде дека веќе се работи на законски измени во областа, при што анализите започнале уште пред аферата со запленетата марихуана да стане јавна. Според него, во постојниот Закон биле утврдени одредени слабости кои треба да се надминат со новото законско решение.
Размена на информации и оформен предмет во Обвинителството
Министерот истакна дека Министерството за здравство, како институција надлежна за лиценци, издало 60 лиценци, од кои 18 биле одземени поради непрописно функционирање на приватни организации, при што надзорот е континуиран согласно постојниот Закон. Тој оцени дека е значајно што институциите веќе можат во реално време да детектираат ваков тип злоупотреби и да постапуваат заеднички со МВР.
Пред два дена, од Обвинителство за гонење организиран криминал и корупција соопштија дека е оформен предмет и дека се разменуваат информации со српските колеги, со цел целосно утврдување на фактите, откривање на инволвираните лица и обезбедување кривично-правна одговорност за случајот со заплената на пет тони марихуана.
