Прерано е да се зборува за цената на електричната енергија, бидејќи прво треба да се расчисти кој и колку може да произведе струја во државата, со цел притисокот да не биде постојано врз ЕСМ, смета претседателот на Регулаторната комисија за енергетика и водни услуги (РКЕ), Марко Бислимовски.
– Треба ЕСМ да има цена по која што ќе си ги покрива своите трошоци и врз основа на тоа да си го планира производството, а „ЕВН хоум“ набавката. Доколку трошоците компаниите за набавка на електрична енергија се превисоки, тогаш РКЕ ќе ја разгледа опцијата за намалување или целосно укинување на профитите на енергетските компании што ги регулира, со цел да се избегнат ценовни шокови, изјави Бислимовски при гостувањето во Топ тема на Телма.
Тој нагласи дека методологијата за пресметка на цените на РКЕ, која е иста како и во ЕУ, гарантира профит, а доколку енергетските компаниите не ги следат одлуките на Комисијата сами се одговорни за загубите.
– Тоа си е нивен проблем. Во самата методологија е предвидено да се даде профит, тој профит за 2022 можно е целосно да се укине или делумно, со цел да не се предизвикуваат ценовни шокови кај потрошувачите, додаде Бислимовски.
Според него, секој снабдувач има своја стратегија – некои обезбедуваат однапред електрична енергија, некој ризикуваат и чекаат подоцна во надеж дека цената ќе биде поповолна – и регулаторот не може да се меша во нивната бизнис одлука.
– Од аспект на сигурност на снабдување на електрична енергија никој од потрошувачите не остана без електрична енергија, сите беа преземени од страна на снабдувачот во краен случај, нагласи Бислимовски.