Унапредување на економската соработка посебно во областа на иновациите и во развојот на стартап еко системот, беше една од темите за кои разговараа денеска вицепремиерот за економски прашања Фатмир Битиќи и новоименуваната амбасадорка на Израел Симона Франкел.
Голем е потенцијалот, оценија, за партнерство и размена на искуства за развој на иновации во земјоделското производство и во преработката на земјоделски производи, како и за поттикнување и развој на стартап компаниите.
Битиќи и Франкел се согласија дека двете земји имаат традиционално добри односи, но искажаа подготвеност за нивно натамошно унапредување.
На почетокот на средбата, амбасадорката во име на израелскиот народ изрази сочуство до граѓаните на Република Македонија и до семејствата на загинатите во автобуската несреќа што се случи во Република Бугарија.
Битиќи и ја честиташе на Франкел новата функција и и посака во нејзиниот мандат да продолжи да се продлабочува соработката помеѓу Израел и Македонија, како и да се негуваат веќе воспоставените одлични дипломатски односи.