Вицепремиерот за економски прашања Фатмир Битиќи и министерот за надворешни работи, Бујар Османи, во придружба на генералниот секретар на Владата, Методија Димовски, во седиштето на Постојаната мисија на РМ во ОН во Њујорк, со извршниот директор на Зелениот климатски фонд, Мафалда Дуарте, потпишаа Меморандум за разбирање и Договор за привилегии и имунитети. Со тоа ќе се овозможи Регионалниот програмски дијалог за земјите од Источна Европа и Централна Азија да се одржи во Македонија од 18 до 22 март 2024 година, под покровителство на Зелениот климатски фонд (ЗКФ).

Со потпишувањето на овие два документа, како што наведува владината прес-служба, се зацврстуваат основите за ефикасно проширување и продлабочување на соработката на Македонија со Зелениот климатски фонд во насока на зајакнување на капацитетите за прилагодување, ублажување и спротивставување на климатските промени.

Битиќи и министерот Османи со Дуарте зборуваа за проектите кои се финансирани и од Зелениот климатски фонд за што се обезбедува и дополнителна финансиска поддршка за нивно успешно имплементирање. На пример, формирање на Национален фонд за енергетска ефикасност, изградба на пречистителна станица за градот Скопје, енергетска ефикасност на згради, како и за заедничките напори за одобрување на проектната апликација за Национален план за адаптација. Ова се дел од проектите преку кои се фондот е директно вклучен во финансирање на одговори на климатските промени и зајакнувањето на капацитетите на Македонија.

-Во рамки на продолжувањето на овој проект ќе отпочне и следната фаза во процесот на акредитација на ФИТР, преку кој ќе се очекува поголемо вклучување на приватниот секторот. Предвидено е надоградување на системот е-влада, преку кој Владата ќе има реални податоци за статусот на имплементација на Целите за одржлив развој, Парискиот договор, поглавјата и кластерите на ЕУ, рече Битиќи по потпишувањето на Меморандумот.

Според Османи, зајакнувањето на капацитетите за ублажување и прилагодување кон климатските промени, останува врвен приоритет на нашата земја.

-На наше задоволство го потпишуваме договорот за привилегии и имунитети со Македонија. Ова е еден важен чекор во нашето долгогодишно партнерство кое ја отвора вратата за уште поблиска соработка со еден силен поборник на климатска акција, рече Дуарте.