Заменикот на претседателот на Владата задолжен за економски прашања, Фатмир Битиќи, заедно со градоначалникот на општина Струмица, Костадин Костадинов и генералниот директор на ТАВ, Метин Батак извршија увид на работата на започнатите работи на – Регулација на поројот Св. Илија до улив во река Водочница во Струмица, проект што се реализира преку ТАВ програмата.
Вицепремиерот Битиќи потсети дека пред една година беа потпишани 94 договори за реализација на инфраструктурни проекти во сите плански региони или во 75 општини низ целата земја, во вредност од 49,7 милиони евра.
Дополнувајќи дека досега проектите имаат одлична реализација и сите се во временските рокови на планирана изведба.
„Денеска, по една година, веќе комплетно се завршени 36 инфраструктурни проекти или реализирани се над 15 милиони евра од планираните средства, а останатите проекти, како овој, се во тек и нивната реализација се очекува да биде во планираниот рок, односно до крајот на 2023 година и ова е одлична реализација!
Среќен сум што денеска, ден пред 8 Септември – Денот на независноста, можеме заедно да споделиме вакви вести и да сме горди на зајакнувањето на инфраструктурата на локално ниво, за сите граѓани низ целата земја“, изјави Битиќи.
Градоначалникот Костадинов истакна дека овој проект е одличен пример за соработка помеѓу локалната и централната власт и општествено одговорните инвеститори, а во интерес на решавање на проблемите со коишто се соочуваат граѓаните.
„Со добиените средства во износ од 1,4 милиони евра (86.700.000 денари) од програмата на ТАВ, уредуваме 2.300 метри од вкупната должина на поројот којашто изнесува 2.800 метри.
Досега се реализирани 65 проценти од армирано – бетонските работи или во должина од 1.800 метри и 30 проценти од камената облога на коритото или во должина од 850 метри. Уредувањето треба да обезбеди стабилизација на коритото и бреговите на поројот, подобрување на заштитата од големи води и подобрување на еколошките и естетските аспекти на околниот терен“, изјави Костадинов.
Генералниот директор на ТАВ Македонија, Метин Батак изјави дека со овој проект ќе се спречат потенцијални поплави при поројни дождови, бидејќи неговата улога е дренажа на атмосферските води.
„Половина од работата е завршена, а останатиот дел од речното корито долго 2 километри ќе биде готов до предвидениот рок.
Веруваме дека оваа инвестиција ќе придонесе за подобрување на квалитетот на граѓаните на Струмица, како впрочем и сите 94 инфраструктурни проекти на општините и Владата финансирани од ТАВ со вкупна вредност од 49,7 милиони евра”, дополни директорот Батак.