Владата прави компромиси и му помага на приватниот сектор, но и тој треба да одговори соодветно, порача денеска вицепремиерот за економски прашања Фатмир Битиќи во коментар на реакциите дека во услови на криза е дополнителен трошок обврската за двојазични етикети којашто е во сила со новиот Закон за заштита на потрошувачите.

Знаеме за потешкотиите во приватниот сектор, но сметам дека навистина покажавме во целиот период на кризи дека соодветно помагаме на приватниот сектор за да се справат со потешкотиите и предизвиците коишто доаѓаат во кризи. Секако, сметам дека сите треба да се однесуваме малку посолидарно и да сфатиме дека сме во криза. Во криза независно колку ни е тешко треба сите да излеземе победници, а победници излегуваме ако сите сакаме да си помогнеме едни на други. Некој ќе отстапи нешто, некој друг ќе даде одредена помош која што можеби требаше да ја дадеме на друго место – изјави Битиќи, на новинарско прашање при учество на Форум за филантропија.

Прашањето кое што се покренува и што може да биде легитимно, дополни вицепремиерот, е дали средствата што ги даваме за поддршка во приватниот сектор во период во криза не требаше да ги даваме кон граѓаните.

И тоа е легитимно прашање. Дали не требаше да бидат инвестирани во здравство, во образование, туку отидоа во приватниот сектор. Ние правиме компромиси за да помогнеме на сите затоа што знаеме дека е тешко. Сметаме дека соодветно треба и приватниот сектор да одговори. Во овој момент да не става на маса работи кои што знаеме дека мораме го направиме – рече Битиќи.