Крајната цел е поголема конкурентност на нашите економии, а регионалната конкурентност ќе биде спасот за овој регион, оценува вицепремиерот за економски прашања, координација на економските ресори и инвестиции Фатмир Битиќи во интервјуто за МИА.
„Отворен Балкан“, вели тој, не е замена за Европската унија, додавајќи дека не е важна иницијативата, туку целта која треба да се постигне.
– Не денеска, туку вчера требаше ова да биде направено, затоа што утре ќе биде доцна. Утре кога ќе почне периодот на постковид рехабилитацијата, кога ќе зборуваме за вредносни ланци, што ќе имаме да понудиме како национална, мала економија од 1,8 милиони луѓе, според последниот попис. Каква работна сила ќе понудиме? Како регион на Западен Балкан тоа може да го понудиме заедно. Треба еднаш за секогаш да сме прагматични. На крајот на денот, како што денес кажуваме за некого дека 30 години не креирал можности и велиме дека е тоа лошо, така нашите деца после 10 години, ќе ни го кажуваат истото на нас, нагласува Битиќи.
Силно верува дека „Отворен Балкан“ е остварлив и дека најверојатно политичкиот контекст во одредени држави од Западен Балкан е причината поради која тие не го прават потребниот исчекор, но се надева дека поскоро ќе се приклучат кон иницијативата.
– Јас сум еден од оние кои од првиот ден на мојот мандат се залага за зголемување на конкурентноста. Многу малку го зборуваме концептот на конкурентноста. Вообичаено сме навикнати на овие простори да зборуваме за конкуренција, а не за конкурентност. Конкурентноста е кога заедно креираме политики од кои заедно ќе добиеме и ќе станеме уште подобри и поголеми во смисла на глобалната конкуренција, вели вицепремиерот.
Заедно како регион со креирање на поголеми можности доаѓаме до побрзи и поодржливи решенија, нагласува Битиќи.
– Ние вообичаено премногу сме опседнати со средствата и зборуваме за тоа како тие иницијативи имаат задна намера. Ако денес не зборуваме за мобилност на луѓето, кога тоа ќе го докажеме, кога ќе влеземе во ЕУ? Тогаш ќе биде доцна. Јас стравувам дека кога ние тоа ќе сакаме да го направиме после пет, десет или 15 години, дека тогаш ќе нема за кого тоа да го направиме затоа што сите со отворен вид ќе не напуштат, бидејќи сме биле крути во нашите размислувања да креираме подобра визија и можности за нашите деца. Затоа велам не е важна иницијативата, дајте да зборуваме за целите. Која е клучната цел што сакаме да ја постигнеме и што е тоа што сакаме да им дадеме на нашите деца. Сами ова нема да можеме да го постигнеме. Не можеме да сме изолиран остров во Западен Балкан и во Европа, истакнува вицепремиерот за економски прашања во интервјуто за МИА.