Фатмир Битиќи, пратеник и член на СДСМ објави на Фејсбук дека нема да се кандидира за претседател на СДСМ, со цел, како што вели, да ја спречи „понатамошната фрагментација и поларизација меѓу членството“.

Сега, во овој изборен период нема да се кандидирам за претседател на СДСМ, а тоа го правам за да ја спречам понатамошната фрагментација и поларизација меѓу нашето членство. Но мојата политичка мисија се протега надвор од партиските функции и поделбите, таа ја нагласува соработката, дијалогот и меѓусебното разбирање, што единствено може да се постигне ПОИНАКУ, со враќање на социјалдемократските вредности. Тоа е сосема ПОИНАКУ од досегашните политички навики на однесување кон државата, па и кон партијата. Очекувам и верувам дека идеологијата и вредностите ќе ја направат разликата и промената првин во СДСМ, а потоа и во државата, истакнува Битиќи.

Во објавата на Фејсбук насловена „Може и поинаку“, Битиќи посочува дека тоа што во последните три години ја извршувал функцијата потпретседател на СДСМ не го фаворизира, ниту го прави посоодветен од кој било член и членка на партијата за функцијата претседател.

Во однос на сопартијците кои ги поднесоа своите кандидатури, Битиќи смета дека секој што ги споделува социјалдемократските вредности и е со желба за „вредносно возобновување на партијата во периодот што следи“ заслужува да ја добие неговата и поддршката на сите членови, но има забелешки за актуелните процеси во СДСМ, во контекст на заземањето страни од страна на дел од членството и давањето поддршка за своите фаворити.