Вицепремиерот за економски прашања Фатмир Битиќи смета дека треба да има одговорност доколку се утврди човечка грешка во процесот на издавањето на еврообврзницата која што беше повлечена.
Одговарајќи на новинарско прашање колкава е штетата за еврообврзницата која што беше повлечена, Битиќи на маргините на конференцијата за дигитализација на царинското работење, рече дека прашањето е легитимно, но истото прашање е што ако еврообврзницата се издадеше во јануари со многу повисока камата, објаснувајќи дека ваквите ситуации економистите ги опишуваат како опортун трошок, односно опортуна штета или опортуна добивка.
„Еврообврзница се издава во оној момент кога е најповолно на пазарот. За жал се случи административна потешкотија односно грешка да не можеме да ја потпишеме, затоа што законите кои што се на сила така укажуваат. Секако, ако органите кои што треба да следат увидат дека има човечки фактор кој што треба да носи одговорност го знаете мојот став – одговорноста не може да биде колективна, таа мора да биде лична“, рече Битиќи.
Тој сепак, смета дека во овој момент е добро што државата успеа да издаде еврообврзница од 500 милиони евра за цена која што на финансискиот пазар е сѐ уште ниска, за разлика од онаа што може да ја добијат други држави, како и дека не се случија сценаријата кои што кажуваа дека ќе се наруши кредитниот рејтинг што се покажа со тоа што имаше за четири пати поголема понуда од тоа што ние се бараше.
„Сметам дека во кризи клучно е дали ќе може да обезбедиме доволно финансиски средства за да ги опслужиме сите граѓани и сите тие кои што треба да бидат опслужени од страна на Владата“, вели Битиќи.