Платите во јавниот сектор се регулирани со преку 200 различни акти – закони или подзаконски акти и морам да признам дека некој сакал намерно да не води грижа. Решението е иста методологија за плати за сите во јавен сектор, посочи денеска вицепремиерот за економски прашања Фатмир Битиќи.
-Зошто е тоа направено може самите да донесете заклучок, но мојот заклучок како граѓанин на оваа држава е како некој намерно тоа го има направено за да нема систем и одржливо решение, туку да има алатка во која што ќе манипулира со животите на луѓето во нашата држава. Ние во овој момент сме при крај со преговорите со синдикатите за општиот колективен договор и новата методологија на плата којшто понатаму ќе се усогласи со сите закони во државата. За жал, морам да признам дека некој сакал намерно да не води грижа во нашата држава за регулирање на системот за плати во јавниот сектор, рече Битиќи во одговор на прашање пред почетокот на Македонско-финскиот бизнис форум во организација на Стопанската комора.
Тој посочи дека се согласува со синдикатите основот за пресметка на плата да биде просечната и што поскоро да почне да се исплаќа зголемената плата.
– Мислам дека синдикалните организации веруваа дека нема да го прифатиме тоа. Ние на последната средба го прифативме нивниот предлог. Секако бидејќи беше само предлог без никакви финансиски калкулации ние рековме дека сите заедно треба да ги дефинираме коефициентите на сложеност на сите работни места во целиот јавен сектор. Јас сметам дека треба што побрзо тоа го направиме и веднаш треба да почнеме да гледаме според можностите тоа да го спроведеме и од оваа година, рече Битиќи.
Не може да има очекување, додаде, дека ние веднаш ќе стигнеме до вистинската цел, а тоа е целосно зголемени плати денеска, сега за 50, 60, 70, 80 проценти, како што веруваат синдикалните организации.
– Напротив, тоа е период на прилагодување кој би требало да почне најбргу што е можно да се аплицира. Секако сите сме свесни за се што имаме како предизвици во нашата економија и затоа сметам дека местото на договарање е дијалогот на Економско-социјалниот совет и ниедно друго место, порача Битиќи.