Изминатите две години, посочи Битиќи, донесоа многу предизвици за сите земји во светот и дека сите тие предизвици и активностите преземни за да се надминат, треба да се гледаат и низ позитивна призма, затоа што општеството мораше брзо да се прилагодува и да се носат брзи и правилни одлуки со кои ќе се намалат негативните ефекти од кризата и ќе се овозможат услови за брзо опоравување и економски раст во пост-ковид периодот.
– Со оваа криза се докажа дека синџирите на снабдување, со набавки од далечни земји не се одржливи, и токму тука ја гледаме нашата заедничка шанса. Потребно е, ние земјите од Западен Балкан, да се фокусираме кон подигнување на регионалната конкурентност, наместо да ја заоструваме меѓусебната конкуренција и на тој начин да создадеме еден заеднички пазар, што ќе ја компензира и зајакне додадената вредност во близина на синџирите на снабдување, посочи Битиќи.
Зборувајќи за можностите за инвестирање во Република Северна Македонија, Битиќи нагласи дека нашата земја овозможува навистина добри услови за реализација на инвестиции на сите компании, додавајќи дека пред четири години, донесена е одлука на Владата, со која веќе нема разлики помеѓу домашни и странски инвеститори, односно овозможени се исти и транспарентни услови за добивање на државна поддршка за сите компании кои ги исполнуваат критериумите.
– Географската локација е близу до клучните пазари. Скопје е 240 километри од пристаништето во Солун и се наоѓа на главниот транспортен коридор до срцето на Европа. Производите може да се транспортираат за кусо време до европските пазари и тоа заштедува време, се намалува емисијата на штетни гасови и се овозможува навистина брза реакција за потребите на пазарите во земјите од Европска Унија, изјави Битиќи.
Кога зборуваме за поддршката кон компаниите, Битиќи, посочи дека поддршката од државата на инвестициите е конкурентна и усогласена со правилата на ЕУ.
– Во изминатата година воспоставивме едношалтерски систем за сите инвеститори, а тоа е мојот кабинет. Го скративме донесувањето одлуки за добивање на државна поддршка за компаниите, го олснивме процесот на аплицирање и ако претходно за да се добие одлука за добивање на државна поддршка беше потребна една година, сега тоа е намалено на само два месеци. Го редефинираме Царинскиот законик и вршиме негово усогласување со ЕУ, што ќе резултира со уште поконкурентна ситуација за преработувачката индустрија во брза иднина, додаде Битиќи.
Битиќи, ги покани и поттикна компаниите од ЕУ, кои во изминатиот период имаа проблеми со синџирите за снабдување, да размислат за инвестиции во нашата земја или во некоја од другите земји од Западен Балкан и да ги искористат придобивките од близината на нашиот регион до ЕУ, како и другите придобивки за реализација на нови инвестиции кои насат додадена вредност.
– Секоја компанија што се соочува со проблеми во синџирот на снабдување во моментов и размислува за „near shoring“, треба да размисли за инвестирањето во Северна Македонија. И не само во нашата земја, да се размисли за инвестирање и во други земји од регионот, затоа што можеби сме мали одделно, ама како регион, во целина, заедно создаваме пазар кој е силен и конкурентен. Нашата крајна цел е да создадеме безбедна и предвидлива бизнис околина за инвеститорите, како за домашните компании, така и за странските инвеститори и да ја подигнеме конкурентноста, да бидеме подготвени за влезот во ЕУ, потенцираше Битиќи.
Тој, исто така, нагласи дека во моментов се спроведува најважниот стратешки процес, а тоа е креирање на долгорочната Национална стратегија за развој 2021 – 2041 година.
– Работиме на овој стратешки документ за долгорочно планирање, во изминатите девет месеци и има уште работа. Но, по 30 години, ова е многу потребна визија за тоа каде и како ние како земја треба да одиме напред во иднина. Развојот на Националната стратегија е отворен и инклузивен процес, дава перспектива од поширокиот контекст на нашата земја и ќе ни даде сосема јасна слика за тоа каде сме сега, каде треба да одиме и кој е најдобриот начин да стигнеме таму, рече Битиќи.
Битиќи, учествувапе на панел дискусија, заедно со Јерон Дајсеблум, член на Холандскиот сигурносен борд и поранешен претседател на Еурогруп, Матео Ривелини, ракводителот на јадранската дивизија во Европската инвестициска банка и Анди Аранитаси, раководител на канцеларијата на Европската банка за обнова и развој во Северна Македонија.