Maж од Битола на социјалната мрежа „Фејсбук“ објави дека со црн спреј го покрил написот „Иван Михајлов“ на бугарскиот клуб во Битола, кој беше избришан од Централниот регистар поради спорното име, објавува Макфакс.
„Министре Спасовски. Конечно, ние во Битола моравме го избришеме името на фашистот бугарски, кој направи омраза на нашиот народ македонски со бугарскиот народ. Се надевам нема понатаму да дозволите крвнички имиња“, напиша тој во објавата.
Бугарската БТВ објави снимки од безбедносните камери на објектот на кои се гледа како човекот со спреј го покрива натписот.
Бугарскиот културен клуб „Иван Михајлов“ пред две недели беше избришан од Централниот регистар со одлука на Министерството за правда.
Клубот имаше рок да се преименува во согласност со измените во Законот за здруженијата и фондациите.
Со законот се забранува основање организации што во нивното име, програма, цели и дејности поттикнува и повикува на воена агресија, разгорување национална, расна, верска омраза или друга нетрпеливост, нетолеранција, геноцид, екстерминација, ширење и поддршка, поттикнување и одобрување фашизам, нацизам, националсоцијализам и Третиот Рајх.
Претходно, Комисијата за употреба на имиња на личности даде негативно мислење за употреба на името Иван Михајлов. Од тука образложија дека името на бугарскиот клуб претставува провокација за националните чувства на македонскиот со оглед на тоа што се работи за личност блиска со фашистичка идеологија, кој со своето дејствување ја негирал посебноста на македонскиот народ, а истовремено предизвикува нетрпеливост, нетолеранција и омраза во македонското општество.
Бугарскиот клуб веќе најави дека правдата ќе ја бара во Меѓународниот суд за човекови права.