Граѓаните против изградбата на регионалната депонија во Новаци
Жители на Битола денеска излегоа на протест пред општинската зграда. Тие изразија незадоволство од одлуката за изградба на регионална депонија во Новаци. Таму треба да се одлага отпад од 18 општини. Демонстрантите предупредија на можни еколошки последици и порачаа дека Битола веќе е доволно погодена од загадувањето на РЕК „Битола“.
Според одлуката на Советот на Општина Битола, регионалната депонија ќе се гради во поранешниот рудник Суводол. Проектот беше одобрен и од Општина Новаци.
Новата локална власт во Свети Николе против изградбата на регионалната депонија кај Мечкуевци
Загриженост за животната средина и здравјето
Протестирачите истакнаа дека веќе со децении живеат во загадена средина поради РЕК „Битола“ и не сакаат нова „еколошка бомба“. Според нив, одлуката за изградба на депонијата е донесена без консултација со граѓаните.
„Битола доволно го штитеше повисокиот државен интерес со тоа што 45 години живееме со РЕК. Сега не сакаме да се жртвуваме повторно, туку да се најде друго решение кое нема да го загрозува животот“, изјави Весна Кочанковска, една од учесничките на протестот.
Граѓаните скандираа „Не за депонија“ и носеа транспаренти со пораки како „РЕК + депонија = онкологија“ и „Направете го Детското, не депонија“. Тие изразија сомнеж дека депонијата ќе биде правилно управувана и контролирана, наведувајќи го РЕК „Битола“ како пример за занемарување на еколошките стандарди.
Протестите против изградбата на депонијата продолжуваат, а жителите бараат алтернативно решение што нема да ја загрози животната средина во Пелагонискиот Регион.
Извор: Независен