Јавното обвинителство во Битола отвори истрага против 33-годишна битолчанка осомничена за продолжено кривично дело – неовластено производство и пуштање во промет наркотични дроги.

Според обвинителството, во изминатите месеци таа продавала марихуана оставајќи подготвени пакувања на надворешен дел од ѕидна ограда, од каде купувачите ги подигнувале. При претрес во нејзиниот дом, полицијата нашла 13 зипер-ќесички со марихуана подготвени за продажба, со вкупна маса од околу 20 грама, како и три дигитални ваги со траги од марихуана и кокаин.

Обвинителството до Основниот суд во Битола побара определување мерка притвор за осомничената, поради опасност од бегство, можност за влијание врз сведоци и ризик од повторување на делото.