Битолската полиција трага по возрасен маж кој е можен подметнувач на  пожарот во битолската  населба Стрелиште, откако битолчанец сведочел дека видел сомнитeлно лице на местото каде најпрво избувна огнот. Потоа плaмените јазици се проширија низ овој дел од Битола и стигнаа до куќите и подрачното училиште каде е сместена и градинка.

Но, пожарникарите не дозволија огнот  да го зафати објектот и предизвикана е незначителна штета.

Локацијата е меѓу две бензиски станици, па постоеше исклучително голема опасност од овој пожар, поради што битолските пожарникари заедно со граѓаните интервенираа за брзо гаснење на огнот.

Вчера во Битола за само неколку часа имаше над десетина пожари на различни локации со кои се бореа пожарникарите. Освен во битолското село Крклино каде изгореа 8000 бали сено, на другите опожарени локации  немаше   големи материјални штети, затоа што гореа стрништа и ниска вегетација, но сепак пожарите, за кои  полицијата се сомнева  дека се подметнати,  во опасност ја доведоа цела Битола.

На пожарникарите за справување со пожарите им помогна и дождот што попладнето заврна во Битола, кој пак беше проследен со силен ветер, а невремето предизвика незначителни материјални штети низ градот. Екипите на јавните претпријатија до доцна синоќа интервенираа на отстранување паднати дрвја и контејнери.

Инаку, како што известува ЦУК,  на територијата на цела држава во текот на вчерашниот ден имаше над педесетина пожарии на отворен простор кои повеќето не се проширија поради брзата интервенција на пожарникарите.

Покрај пожарите во Битолскиот регион, гореше сува трева и вегетација во Скопско, Струшко, депонијата Буково во Охрид, потоа во Македонски Брод, Велешко, опожарена беше  борова шума кај  Демир Хисар, а пожари имаше и во други региони.

Потоа настапи невреме со дожд што значително го намали ризикот од пожари,  но времето ќе се стабилизира, а а температурите ќе бидат во пораст, поради  што ЦУК предупредува дека е потребно будно следење на ситуацијата и интензивна комуникација на сите чинители за последиците од можни нови пожари да се сведат на најниско ниво.