Царинските стапки во земјава, како што посочуваат од Стопанската комора на Северна Македонија, се повисоки од земјите во регионот и од земјите-членки на Европската унија.
– Ова се должи на тоа што нашата царинска тарифа е наследена од порано кога условно имаше поинаква структура на економијата којашто во актуелниве услови не кореспондира со актуелната економска структура и со потребите на компаниите, истакна Анета Димовска од Стопанската комора на Северна Македонија.
Најголем бенефит од измените на Законот за царинска тарифа ќе имаат компаниите од автомобилската, хемиската, текстилната, кожарската индустрија и металургијата. Со Предлог законот се предвидува и слободен увоз на природниот гас. Не се прифатени барањата за усогласувањето на царинските стапки за агро-прехранбениот сектор, освен за доматното пире што во следниот период ќе биде приоритет на Комората.
– Согласно пресметките на Владата, 13 милиони евра или 810 милиони денари се фискалните импликации за Буџетот што воедно се директна поддршка за компаниите. На кус рок ова се импликации по Буџет, но на среден и долг рок истите ќе придонесат за заштита и раст на работните места, раст на индустриите важни за националната економија и до пораст на приходите во Буџетот. Не секогаш намалувањето на царинските стапки, значи и негативни фискални импликации, рече Димовска.
Според министерот за финансии Фатмир Бесими, важно е домашната економија да биде конкурентна и со овој Предлог-закон се прави чекор напред во тој дел.
– Ако гледавме само низ прозорецот на една фискална година, аргументите на Министерството за финансии се дека има негативни финансиски импликации и не треба да се оди со таков зафат. Меѓутоа ако се гледа од поширока временска рамка и пошироко од фискалниот импакт, поточно ако се гледа низ економскиот импакт кој значи зголемена конкурентност, зголемени инвестиции и нови работни места, тогаш за неколку години се очекува да има и повисок раст на приходите. Законот е конкретен пример дека сме заедно и очекуваме подобри резултати, рече Бесими.
На денешната заедничка прес-конференција на Стопанската комора, Министерството за финансии и Царинската управа беше истакнато дека од 18-те барања од бизнис секторот, досега се реализирани седум, девет се во процес на реализација, а по две барања не е постапено.
Предлог-измените на законот за царинска тарифа беа усвоени во вторникот на владина седница