Прерано згасна животот на Душко Чифлиганец: Македонија тагува по младиот бизнисмен

Македонската јавност вчеравечер ја потресе веста за прераната смрт на младиот бизнисмен Душко Чифлиганец, син на познатиот стопанственик и универзитетски професор Ванчо Чифлиганец. Душко, кој ја извршуваше функцијата заменик-претседател на „Адора Бизнис Групација“, го загуби животот во тешка сообраќајна несреќа за време на мотоциклистичка трка во Брно, Чешка. Според достапните информации, тој изгубил контрола во брз свиок, излетал од патеката и претрпел тешки повреди, особено на главата. И покрај 24-часовната борба на лекарите, повредите се покажале фатални.

По повеќе од 24 часа борба за неговиот живот: Почина Душко Чифлиганец

Живот посветен на развој и иновации

Душко Чифлиганец беше дипломиран економист и клучна фигура во развојот на семејниот бизнис. Заедно со сестра му Драгана, активно ја преземаше деловната палка од нивниот татко. Како заменик-претседател на „Адора Бизнис Групација“ и директор на Adora Living Solutions, Душко беше препознатлив и по својата улога во основањето на Adora Prime Capital – првата македонска инвестициска консултантска компанија акредитирана од американската SEC.

Страст кон спортот и хуманоста

Покрај бизнисот, Чифлиганец беше страстен љубител на мотоциклизмот и автомобилите. Во последните години активно учествуваше на меѓународни трки и освои бројни награди. Неговата љубов кон адреналинските спортови одеше рака под рака со хуманитарните активности. Преку компанијата „Адора“ поддржуваше различни добротворни мисии, како и проекти на Фондацијата на Новак Ѓоковиќ во Србија.

Душко Чифлиганец ќе остане запаметен како визионер, претприемач и човек кој со својата енергија и ангажман ја претставуваше Македонија со гордост пред светот. Неговата смрт претставува ненадоместлива загуба за семејството, пријателите и пошироката деловна заедница.