Освен тоа, вчера беа регистрирани и помалку заразени во однос на викенд деновите, што е реткост, бидејќи бројот на новозаразени во сабота и недела обично е помал во однос на работните денови. Викендов, тој процент беше околу 12.

Во претходното деноноќие беа евидентирани и 11 починати лица и уште две други пријавени преку „Мој термин“ со датум на смрт од 22 до 31 октомври.

Вчерашната ковид-статистика бележи и 309 оздравени пациенти.

Досега во земјата се направени вкупно 1.386.978 тестирања на Ковид-19.
Вкупниот број Ковид-дијагностицирани лица од почетокот на епидемијата изнесува 202.705, бројот на оздравени пациенти е 188.849, на починати е 7.145, а бројот на активни случаи изнесува 6.711.

Според епидемиолошки анализи во моментов, во Скопје има 3399 активни случаи, следи Куманово со 413, Велес – 321, Прилеп – 291, Битола – 245, Штип – 205. Во другите градови има под 200 активни случаи.

Досега се ревакцинирани 46 отсто од полнолетните граѓани, а 30.852 лица примиле трета доза, соопшти вчера Министерството за здравство.

Заклучно со 31 октомври вкупно се вакцинирани 805.008 граѓани, а ревакцинирани се 775.825.

Педесет и четири отсто од граѓаните над 40-годишна возраст, како што се посочува, се ревакцинирани, а 33 отсто од популацијата од 18 до 39 години примиле барем една доза вакцина.

Опфатот со вакцинација со една доза вакцина, на полнолетната популација е 57 отсто, а со две дози се опфатени 46 отсто од граѓаните над 18-годишна возраст. Според бројот на аплицирани вакцини, 38 отсто од целата популација во нашата земја е вакцинирана, а 35 отсто од популацијата во државата примила две дози вакцина, информираат од Министерството.

Од првичниот скрининг на средношколци во Куманово, еден ученик од „Наце Буѓони“ е позитивен на коронавирус, информираа вчера надлежните од Центарот за јавно здравје Куманово.

Епидемиолозите информираа дека ќе биде направен потврден ПЦР тест и ќе се постапи согласно протоколите за оваа состојба.

На првиот ден тестирани се ученици од прва смена од гимназијата „Гоце Делчев“ и од стручните училишта „Перо Наков“ и „Наце Буѓони“. Вчера утрото беа тестирани седум ученици од „Перо Наков“, 20 од гимназијата и 16 ученика од „Наце Буѓони“.

Во Куманово до крајот на неделава со скринингот е планирано да бидат опфатени 730 средношколци и основци за кои родителите дале согласност до 26 октомври годинава, а со скринингот требало да бидат опфатени 1.000 ученици.

Во светот досега со корона вирусот се заразиле 247 милиони луѓе, починале над пет милиони, а оздравеле 224 милиони лица.

Најголем број на смртни случаи од последици од Ковид-19 се регистрирани во САД над 745.000, а потоа следат Индија и Русија.

Вкупниот број на смртни случаи ширум светот достигна четири милиони на почетокот на јули и се зголеми за еден милион за помалку од четири месеци.

Нов негативен рекорд вчера забележа Грција со регистрирани 5.449 нови случаи на Ковид-19, што е првпат, од почетокот на пандемијата, во земјата да има над 5.000 новозаразени дневно, а во претходното деноноќие починале 52 лица. Од почетокот на пандемијата, во Грција се потврдени вкупно 747.595 случаи на Ковид-19, а починаа 15.990 лица.

Во Албанија од вчера почна аплицирање на трета доза вакцина против Ковид-19 за лица над 60-годишна возраст, кои втората доза ја примиле пред шест месеци. Вкупниот број на извршени вакцини во земјава е над 1 милион 900 илјади.

Хрватското здружение на болнички лекари изрази загриженост дека болниците во земјата би можеле да бидат преполни со пациенти тешко болни од Ковид-19. Хрватскиот здравствен систем „повеќе не постои“, се вели во завчерашното соопштение на здружението. Во хрватските болници во моментов од Ковид-19 се лекуваат 1.418 пациенти, од кои 170 се на кислородна поддршка. Вкупно 52,6 отсто од населението во таа држава е вакцинирано.

Драматично зголемување на бројот на новозаразени лица вчера е регистрирано и во Чешка, Полска и Словачка.