Пожарникарот Васе од скопската противпожарна бригада сподели на социјалните мрежи дека по напорниот ден, ги чекало вистинско изненадување во базата. Гест на четири мали девојчиња кои како што вели Васе, им го вратиле здивот во моменти кога останале без сила.

Малите девојчиња продавале сокчиња и бонбони за да соберат донација за пожарникарите кои деновиве водат долги и исцрпувачки битки со пожарите ширум Македонија.

Погледнете ја објавата:

-Кога веќе немаш ни здив, ни сила… доаѓа нешто што ти го стоплува срцето.
При крај на смена, валкани од пепел, уморни од битката со огнот, не изненадија четири мали херои.
Некаде, тивко и скромно, Елизабета, Бисера, Ена и Јоана собрале сокчиња и бонбончиња и ги продавале, не за себе, туку со една порака:
„Донација за македонските пожарникари.“
Во момент кога телото ти се предава, кога веќе не знаеш дали имаш уште капка сила…
оваа порака ни даде одговор, знаеме за кого ја работиме оваа работа.
За вас. За нашите деца. За иднината на Македонија.
Ова не беше само гест. Ова беше потсетник зошто никогаш не треба да се откажеме.
Поради вакви срца, вреди да се трча, да се ризикува, да се спасува.
Ви благодариме, девојчиња. Ви благодариме што ни го вративте здивот.
Фала што покажавте што значи вистинска поддршка.
Земете пример сите од Елизабета, Бисера, Ена и Јоана.
Вие сте наши јунаци.
А ние, сега уште посилно, ќе се бориме, за вас. За Македонија, пишува пожарникарот Васе во својата објава на социјалните мрежи.