Американскиот државен секретар Ентони Блинкен рече дека одлуката на Русија да го суспендира учеството во Договорот за намалување на нуклеарното оружје е длабоко несреќна и неодговорна.

Блинкен рече дека администрацијата на Бајден останува подготвена да разговара за договорот за нуклеарно оружје без оглед на се друго што се случува во светот.

„Ќе набљудуваме внимателно за да видиме што всушност прави Русија. Се разбира, ќе се погрижиме во секој случај да сме подготвени да ја заштитиме безбедноста на нашата земја и безбедноста на нашите сојузници. Мислам дека е важно да продолжиме да се однесуваме одговорно во оваа област, тоа е исто така нешто што остатокот од светот го очекува од нас“,рече Блинкен од Атина, каде имаше средба со својот колега Никос Дендиас

Рускиот претседател, во своето денешно обраќање пред руската Дума, рече дека Русија го суспендира учеството во Договорот за намалување на стратегиското оружје.

Тој додаде дека Русија ќе изврши нови тестови за нуклеарно оружје доколку Америка го стори тоа.

За почетокот на конфликтот во Украина, Путин го обвини Западот при што рече дека западните земји, на чело со САД, бараат „неограничена моќ“ во светскиот поредок. Рускиот претседател, исто така, рече дека Москва им пркоси на обидите на Западот да ја уништат руската економија со невиден пакет санкции и додаде дека за Западот се во прашање милијарди долари, но дека приходите на Русија не пресушиле.