Портпаролот на Стејт департментот Нед Прајс изјави дека САД остануваат посветени на политиката на отворени врати на НАТО и оти Алијансата треба да остане отворена за кандидатите веднаш штом тие ќе бидат подготвени.

Украина, поранешна советска република, се обидува да се приклучи на Европската унија и НАТО.

– Се договоривме за заедничка и координирана акција. Благодарни сме на американските стратешки партнери за нивната континуирана поддршка на нашиот суверенитет и територијален интегритет. Ништо за Украина без Украина, напиша Зеленски на Твитер.

Украина вчера ја одбележува 30-годишнината од основањето на независна армија, откако во 1991 година прогласи независност од поранешниот Советски Сојуз.

Украина ја обвини Русија дека распоредила десетици илјади војници долж границата како подготовка за можна воена офанзива со големи размери.

Русија ги отфрла обвинувањата за можен напад врз Украина како лажни, но му порача на Западот да не ја преминува „црвената линија“ и да го запре ширењето на НАТО кон исток.

На онлајн средбата меѓу Бајден и Путин најавена за денеска, се очекува американскиот претседател да ја предупреди Русија за сериозните економски последици доколку Русија изврши инвазија на Украина.