Боксерот во стабилна состојба по несреќата

Британскиот боксер и поранешен светски првак во тешка категорија, Ентони Џошуа, е во стабилна состојба откако беше повреден во сообраќајна несреќа во Нигерија, при која загинаа две лица.

„По спроведените детални клинички испитувања, медицинските експерти потврдија дека двајцата пациенти (хоспитализирани по несреќата) се стабилни и во моментов немаат потреба од итна медицинска интервенција“, соопштија официјални лица.

Жртвите биле блиски соработници на Џошуа

Промоторската куќа на Џошуа, „Мечрум Боксинг“, објави дека загинатите се блиски пријатели и членови на неговиот тим, Сина Гами и Латиф Ајоделе.

Несреќата се случи во понеделникот кога возилото во кое се наоѓал Џошуа се судрило со паркиран камион на автопат во сојузната држава Огун, недалеку од главниот град Лагос. Полицијата ја истражува причината за судирот, а локалните медиуми објавија фотографии од возилото и оштетувањата.