Од електроенергетскиот систем синоќа околу полноќ е исклучен Блок 1 на РЕК Битола.

Од ЕСМ информираат дека се работи за планско исклучување заради санација на кондензаторот и на дел од цевководниот систем во постројката.

-Преземени се сите чекори со цел интервенцијата да биде кратка и ефикасна и в понеделник блокот повторно да биде на мрежа. Исклучувањето на блокот е планирано за време на викендот заради вообичаено намалениот конзум на електрична енергија во овој период од седмицата, се вели во соопштението.

Електричната енергија од Блок 1 на РЕК Битола, АД ЕСМ ќе ја надомести со зголемување на производството во останатите свои постројки, како и со набавката на струја за која компанијата има веќе склучен договор до 20 ноември.