Пратеникот од редовите на ВМРО-ДПМНЕ, Љупчо Пренџов, денеска побара да биде свикана итна седница на собраниската Комисија за надзор на работата на Агенцијата за национална безбедност (АНБ) и Агенцијата за разузнавање (АР) по наводите за незаконско прислушување во периодот од 2019 до 2024 година, пренесува 360 степени.
Како еден од членовите на комисијата, Пренџов го повика претседателот на собраниското тело Скендер Реџепи да закаже итна седница за да се утврди точен датум за официјална посета на Агенцијата за национална безбедност преку која ќе се изврши увид во состојбите и темелно испитување на сите околности поврзани со случајот.
„Овие случувања предизвикаа силна вознемиреност во јавноста и ја поткопуваат демократијата и довербата во институциите задолжени за заштита на националната безбедност. Токму затоа, обврска на комисијата е да работи одговорно и транспарентно со цел да се обезбеди отчетност на институциите и заштита на нивниот интегритет и демократијата во државата“, изјави Пренџов на денешната прес-конференција во Собранието.
На повикот на пратеникот од ВМРО-ДПМНЕ веднаш одговори претседателот на матичната собраниска комисија Скендер Реџепи, кој е дел од опозициската коалиција „Европскиот фронт“ предводена од ДУИ.
Реџепи одби да свика седница со образложение дека е дискриминиран и дека не може да присуствува на седницата бидејќи сè уште нема одговор на барањето за безбедносен сертификат кое го побарал кон крајот на минатата година.
„Сè додека сум јас претседател на Комисијата и сум дискриминиран од власта и од службите, нема да повикам таков состанок. Бидејќи кога би свикал состанок, јас не би можел да присуствувам. Која би била логиката претседателот на Комисијата да не може да присуствува на таква седница или претрес во службите“, изјави Реџепи.
Уште еднаш повтори дека нема да ја свика матичната собраниска комисија за надзор над АНБ и АР и додаде дека претседателот на Собранието има таква можност.