Блокадата на македонските евроинтеграции од страна на Бугарија и положбата на македонското малцинство во Бугарија беа главните теми на средбата помеѓу министерот за надворешни работи и надворешна трговија Тимчо Муцунски и шефот на бугарската дипломатија Георг Георгиев.
Средбата, која се одржа на маргините на Минхенската безбедносна конференција, доаѓа во време на целосен застој во евроинтегративниот процес на Македонија, предизвикан од бугарските барања.
Муцунски: Македонските евроинтеграции не смеат да бидат заложник на блокади
Министерот Муцунски изрази жалење што односите меѓу Скопје и Софија остануваат оптоварени со билатерални спорови, кои, според него, станале неправедна пречка за европската иднина на Македонија.
“Сите отворени прашања треба да се решаваат одговорно, преку дијалог и со взаемна почит и разбирање, бидејќи добрососедските односи подразбираат и поддршка за европските интеграции, а не наметнување на услови кои водат кон дипломатска блокада,” се вели во соопштението на Министерството за надворешни работи и надворешна трговија.
Муцунски ставил посебен акцент на почитувањето на правата и слободите на македонското малцинство во Бугарија, истакнувајќи ја потребата за спроведување на одлуките на Европскиот суд за човекови права.
Георгиев: Уставните измени се прв услов за деблокада
Од бугарска страна, министерот Георг Георгиев повторил дека Софија нема да попушти во однос на поставените услови, нагласувајќи дека нема повторно преговарање и дека првиот чекор кон деблокирање на македонските евроинтеграции се уставните измени во Македонија.
Според бугарската новинска агенција БГНЕС, Георгиев изјавил дека компромисот постигнат во 2022 година мора да се почитува, и дека тоа останува единствениот пат за надминување на блокадата.
Ќе има ли излез од дипломатскиот ќор-сокак?
И покрај тензичните позиции, средбата во Минхен покажува дека дијалогот меѓу двете страни е на маса. Сепак, без јасни отстапки и од македонска и од бугарска страна, останува неизвесно дали оваа дипломатска криза ќе се продлабочи. Ќе се најде компромисно решение за отстранување на блокадата на македонските евроинтеграции?