Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски, при вчерашната посета на општина Ресен, одговараше на новинарско прашање поврзано со активната блокада и најавените протести за 18-ти јуни и рече дека и понатаму продолжуваат да го блокираат сето она кое не се однесува на граѓаните – повисоки плати, субвенции, повисоки пензии, сето она кое се однесува за тесни партиски интереси како автентичното толкување на законот за игри на среќа, законот за марихуана и ред такви закони од кои што граѓаните нема да имаат никаков бенефит, ќе бидат блокирани.
-Ќе продолжиме сето тоа да го блокираме бидејќи огромно мнозинство од граѓаните во Република Македонија мислат дека оваа влада треба да замине и дека Македонија се движи во погрешна насока како број 1, и како број 2 Ковачевски и оваа влада упорно бегаат да седнеме на маса да преговараме за дата за предвремени парламентарни избори, но и за сите актуелни прашања кои што народот ги живее секојдневно а тоа се економската криза, финансиската криза, проблемите во образованието, во здравството итн. Така што, можам да кажам дека продолжуваме во рамките на Парламентот со оваа активна блокада и со организација на големиот масовен собир бидејќи молчењето не е опција. Навистина е премногу ова што го живееме еве речиси пет години, на 1-ви јуни ќе изминат пет години откако беше првата влада на Заев избрана, навистина е премногу и затоа велиме дека треба да излеземе масовно на тој голем граѓански протестен собир на 18-ти јуни и да упатиме една порака која силно ќе одекне и која практично ќе има една цел да покаже дека време на оваа влада одамна измина, народот нема веќе верба, дека оваа влада може било што да стори и дека е време за предвремени парламентарни избори со една нова влада предводена од ВМРО-ДПМНЕ која ќе може да ја води Македонија напред преку патот на реформи и за подобра иднина на сите граѓани, потенцираше Мицкоски.
Исто така и портпаролот на ВМРО ДПМНЕ Наум Стоилковски вчера во гостувањето во „Утрински Брифинг“ зборуваше за најавениот протест на ВМРО-ДПМНЕ кој ќе се одржи на 18 јуни и посочи дека тој протест ќе се одржи како резултат на недовербата на граѓаните и незадоволството од Владата и всушност ќе претставува катализирање на тоа незадоволство се до конечен пораз.
-Цел еден месец кој ќе биде проследен со активности кои ќе бидат во рамки како продолжение на оваа активна блокада на Собранието, оној активен отпор на ВМРО-ДПМНЕ и на опозицијата кон овие катастрофални, штетни политики на оваа власт после 5 години. Апсолутно се гледаат и рејтинзите на довербата кон Владата односно недовербата кон Владата, на оние анкети кои редовно се спроведуваат, се гледа дека повеќе од две третини од граѓаните јасно се изразуваат против власта. Недовербата кон оваа власт е нормална и ова ќе биде катализирање на она незадоволство до конечен пораз на катастрофите за Македонија, рече Стоилковски.
Портпаролот Стоилковски во текот на своето гостување се осврна и на активната блокада на ВМРО-ДПМНЕ во Собранието и потенцираше дека таа блокада во Собранието е токму за да се спречат штетните закони и решенија кои оваа власт ги предлага.
-Активната блокада е токму тоа спречување на штетните закони и решенија кои ги предлага оваа власт која зад себе има тешки криминогени и лукративни моменти и кои одат на штета на државата, кажа тој.
Премиерот Димитар Ковачевски, пак, смета дека е погрешен пристапот на ВМРО-ДПМНЕ во услови на кризи во Европа е да блокира само заради внатрепартиски причини.
Ковачевски додаде дека Владата работи на справување со последиците од кризата, да ги намали ценовните шокови, да ги поддржи граѓаните и компаниите, да обезбеди нормално снабдување.
-Сметам дека тоа е апсолутно погрешен пристап во време на вакви кризни услови во Европа. Вие ги гледате изјавите на сите лидери во Европа меѓутоа и сите лидери во соседството дека се работи зи иклучително кризен период, не очекува исклучително тешка зима и Владата работи на обезбедување на се што е потребно да ценовните шокови бидат што помали за граѓаните и да се обезбедат енергенси кои што ќе обезбедат прво непречено снабдување на домаќинствата меѓутоа исто така и непречено снабдување на индустријата. Исто така ние сме во подготовка на ребалансот којшто се прави исклучително одговорно од причина што Министерството за финансии работи на намалување на сите трошоци кои што не мора да бидат направени, се со цел да има средства за најранливите категории на граѓани и за поддршка на компаниите кojјшто веќе мерки почнаа да се реализираат преку банката за развој, рече Ковачевски.
Тој оцени дека блокадите на ВМРО-ДПМНЕ се од политичките причини заради внатрепартиски позиции во самата опозициска партија и додаде дека други опозициски партии имаат поодговорен пристап.
Ковачевски ги повика сите пратеници, да бидат одговорни пред граѓаните, а не пред партиите, затоа што пред нив се важни закони за унапредување на стандардот и излез од економската криза.