Одлуката на членовите на Судскиот совет кои поднесоа оставка од нивната функција е во добра насока и искрено се надеваме дека и другите членови ќе го следат овој чекор – се вели во реакцијата на Блупринт-групата за реформи во правосудството, во врска со оставките кои судиите Мирјана Радевска-Стефкова од Врховниот суд и Зоран Герасимовски од скопска Апелација ги поднесоа од функциите членови на Судскиот совет.

Единствен начин за враќање на довербата и зачувување на интегритетот на Судскиот совет, велат оттаму, е избор на нов состав на членови избрани во законска и транспарентна постапка.

Во своето писмено соопштение до јавноста, Блупринт-групата за реформи во правосудството, меѓу другото, изразува надеж дека и останатите членови на ова тело ќе го преиспитаат своето досегашно постапување и ќе ја докажат својата професионална етика со тоа што ќе поднесат оставка од функцијата во Судскиот совет.

„Новите членови на Советот кои ќе бидат избрани од редот на судиите потребно е да бидат судии со интегритет и да поседуваат високи морални и етички квалитети. Особено ја истакнуваме потребата кандидатите за членови кои ги избира Собранието на да доаѓаат од редот на истакнати правници кои имаат докажано долгогодишно искуство во работата, се препознаени во правната професија и за кои не постои никаков основ за сомнеж за нивна политичка или лична поврзаност со сегашни или поранешни носители на јавни и политички функции“,се вели во писменото соопштение што Блупринт-групата за реформи во правосудството го испрати до медиумите.

Во моментот кога довербата во судството е на незавидно ниско ниво, додаваат оттаму, неопходно е Судскиот совет да го врати својот легитимитет и да биде одново екипиран како чувар и гарант на самостојноста и независноста на судската власт. Со тоа, според Блупринт-групата, ќе почне процесот на враќање на довербата на граѓаните, но и на судиите кои за својата работа полагаат отчет пред Судскиот совет.

Реакцијата на Блупринт-групата за реформи во правосудството доаѓа откако судиите Мирјана Радевска-Стефкова од Врховниот суд и Зоран Герасимовски од скопска Апелација поднесоа оставки од функциите членови на Судскиот совет. Двајцата беа членови на ова тело помалку од една година – од 19 септември 2022, а беа избрани на непосредни избори од редовите на судиите.

Оставките дојдоа во период кога Судскиот совет се соочува со низа критики кои ескалираа со контроверзното разрешување на претседателката Весна Дамева, кое беше покренато од група членови во Советот. Тоа ги засили шпекулациите дека заднината на сето ова е иницијатива за утврдување одговорност на судијата Енвер Беџети од скопскиот Апелациски суд за кого токму Судскиот совет утврди дека необјасниво девет месеци ја чувал првостепената пресуда во предметот „Таргет-Тврдина“ за масовното прислушување, која тој и неговите колеги во советот одлучија да ја укинат и да го вратат случајот на повторно судење.