Поранешниот вицепремиер и амбасадор, Ивица Боцевски, кој сега е автор на емисија на Радио Лидер, за време на денешниот говор на протестот пред Собранието на Република Македонија, најави блокади низ цела Македонија.
-Веќе 6-ти ден протестираме во главниот град на Република Македонија, 6-ти ден го браниме нашиот идентитет, држава и култура. 6-ти ден ги браниме од овие кои што преговарале и кои што не продавале во наше име, изјави Боцевски на денешниот протест „Ултиматум, НЕ благодарам“.
-Лажеа дека не преговараат, го преговарале овој документ и оваа преговарачка рамка ја преговарал Премиерот Ковачевски, Претседателот Пендаровски, ја преговарале Маричиќ и Османи. Не гледаа во очи и не лажеа дека не преговарале, не лажеа дека не го виделе документот. Го знаат од точка до запирка, рече Боцевски.
Боцевски упати апел до пратениците дека нашата последна црвена линија е Уставот.
-Од овде сакам едно да им порачаме дека нашата последна црвена линија е Уставот и затоа ќе ве замолам сите заедно од овде да му порачаме на лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски, Димитар Апасиев лидерот на Левица, Љупчо Димовски лидерот на СПМ, Иван Стоилковиќ лидерот на ДПС и јасно да им кажеме вие и вашите пратеници се последниот бедем на македонскиот народ и македонската државност, кажа Боцевски.
Боцевски потенцираше дека ние сме вашата заштита, тврдина, ‘рбетен столб и ние ќе ве поддржиме да опстоите да нема никаква промена на Уставот по диктат на Бугарија која ќе ги земе предвид бугарските барања.
-Утре ќе имаме блокади низ целата држава. Блокадите ќе почнат во 13 часот, ќе ја блокираме цела Македонија додека нашите храбри пратеници се борат во Собранието за нашите интереси за одбрана на македонскиот јазик, народ и држава, посочи Боцевски.