Министерот за транспорт и врски Благој Бочварски во рамки на Самитот за патишта на Западен Балкан, што денеска се одржува во Тирана, оствари средба со претставникот на Европската инвестициска банка (ЕИБ), Бјорн Габриел и со директорот на ЕИБ за Западен Балкан и Турција, Матео Ривелини.

На средбата, како што информира Министерството за транспорт, се разговарало за можноста за финансиска поддршка за изградба на третата фаза од железничкото поврзување со Бугарија, односно делницата од Крива Паланка до граничниот премин Деве Баир.

Министерот Бочварски истакнал дека изградбата на пругата на Коридорот 8 е од економско значење за сите земји во регионот и ја потенцирал потребата од финаниско заокружување на проектот.

Соговорниците разговарале и за реализација на проектот за изградба на водоснабдителни системи што се реализира преку Министерството за транспорт и врски со поддршка од Европската инвестициска банка. Досега, преку овој проект се реализирани над 150 потпроекти за изградба и реконструкција на водоводни и канализациони системи за што се инвестирани 40 милиони евра.