Министерот за транспорт и врски Благој Бочварски очекува делницата Петровец – Катланово да биде завршена наредната година, а автопатот Кичево – Охрид да се заврши во предвидениот рок до 31 декември идната година.
Одговарајќи на новинарско прашање на денешната прес-конференција во Владата, Бочварски образложи зошто се пролонгира рокот за изградба на автопатот Петровец – Катланово, посочувајќи дека изведувачот не го дал посакуваниот прогрес и поради тоа договорот бил раскинат. Бочварски информира дека новата јавна набавка е завршена, избран е изведувач и истиот е воведен во работа.
Деновиве започнуваат мерењата на терен, да се направат дополнителни мерења од страна на новиот изведувач и секако од почетокот на наредната година очекуваме и градежни работи согласно временските услови. Нашите очекувања се дека оваа делница мора да биде завршена наредната година бидејќи тоа го должиме на граѓаните, но некогаш постојат и вакви околности и услови кога изведувачите не ги почитуваат зададените рокови и тогаш преминуваме кон раскинување на договорот, рече Бочварски.
Во однос на автопатот Кичево – Охрид, министерот посочи дека го прават притисокот истиот да се заврши во предвидениот рок – 31 декември 2023 година.
Имаме тим од сите ресори од Министерството, Јавното претпријатие за државни патишта, Агенцијата за имотно-правни односи, Правобранителство, Агенцијата за катастар на недвижности и други кои имаат удел во оваа постапка и работат секојдневно на решавање на сите процедури и потешкотии кои се јавија на терен, но прогресот се одвива сега добро, работите течат и нашиот рок што сме го задале за реализација на овој автопат е непроменет, нагласи Бочварски.