Во моментов ги правиме сите претфази и кога ќе имаме поточни и прецизни параметри во однос на изградба на патот од Тетово до Призрен за тоа колку би чинел, дали би бил исплатлив и од каде би се нашло финансирање, ќе продолжиме со сите останати постапки, најави министерот за транспорт и врски.
-За нас како Влада клучно е позитивни оценки да покажат студиите за исплатливост и за влијание врз животната средина за потоа да почнеме со изработка на основен проект за поврзување на Тетово и Призрен. Но, се додека не добиеме позитивни оценки од студиите и претфазите на проектирањето нема да ја почнеме изработката на основниот проект. Идејни решенија има. Разговаравме и со министерот за транспорт и врски од Косово на ова прашање кое што е важно за двата региони за поврзување на граѓаните, рече Бочварски во одговор на новинарско прашање при денешниот увид во реконструкцијата на улицата „Гоце Делчев“ во Тетово што се спроведува во рамки на проектот „Поврзување со локални патишта“.