При денешниот увид на реконструкцијата на локалниот пат до село Цера, министерот за транспорт и врски Благој Бочварски додаде дека преку ваквите активности олеснето е функционирањето, скратено е времето за патување и модернизирани се патните правци за да можат граѓаните безбедно да патуваат.
-Сите општини ни се важни. Македонска Каменица, со посветената работа на градоначалничката Соња и со соработката што ја имаме, го доби својот сјај. Денеска сме заедно на увид на реконструкција на локалниот пат кој води кон селото Цера, пат кој со години наназад беше оставен во лоша состојба. Со средства преку Министерството за транспорт и врски, заедно со локалната самоуправа, го решаваме и овој проблем на граѓаните. Активностите на терен се започнати. Инвестицијата за негова реконструкција изнесува 16 милиони денари, рече Бочварски.
Ова, како што додаде тој, не е единствениот пат кој во овој момент е ставен на приоритетна листа во Министерството. Ја искористи посетата да најави дека веќе од наредната недела започнуваат градежни активности и на локалниот пат за село Тодоровци, инвестиција вредна скоро 13 милиони денари.
Исто така, преку Јавното претпријатие за државни патишта се рехабилитира и патниот правец Македонска Каменица – рудник Саса, регионален пат од големо значење за граѓаните на овој регион. Ме радува што градежните работи се завршени комплетно, дури и пред предвидениот рок, а во моментот се работи на поставување на сообраќајната сигнализација.
Инвестицијата е во вредност од 2,27 милиони евра, додаде Бочварски.
Градоначалничката на Македонска Каменица, Соња Стаменкова дополни дека износот кој е доделен од Светска банка преку Министерството за транспорт и врски изнесува 630 илјади евра, напоменувајки дека од преостанатиот износ од околу 200.000 евара ќе се гради уште една улица и регионален пат кој како прироритет ќе биде утврден заеднички со граѓаните.