За интерконекторот со Грција се работат инфраструктурните проекти, односно урбанистичкиот план преку кој ќе влеземе на трасата на кој ќе се гради гасоводот, а потоа следат постапките за експропријација и сите останатити процедури со издавање одобрение за градење, рече министерот за транспорт и врски Благој Бочварски во денешното гостување на „Утрински брифинг“.

Тој порача дека е важно капиталните инвестици да продолжат и истакна дека во Министерството за транспорт и врски, се приоритетни сите проекти, за гасоводите, автопатите, како и активностите за експропријацијата.

-Гасоводот кон Битола е веќе завршен, кон Гостивар е исто така при крај, а кон Грција за кој бараме дополнителни средства веќе се прави урбанистичкиот проект за да може потоа да се влезе во градба, рече Бочварски.

Според него, постојано се зголемуваат буџетските средства зе изградба на патна инфраструктура, а годинава, како што нагласи, имаме најголем буџет во историјата на државата за изградба и обнова на патната мрежа. Во тек е, информираше, изградба на 118 километри експресни и на 80 километри локални патишта, а се обновуваат 230 километри.

-Ние сега го фаќаме чекорот за модернизација и рехабилитација на патната инфраструктура, но ако во изминатите години се инвестирало како сега сигурен сум дека денеска ќе имавме подобра инфраструктура, рече Бочварски.

Повтори дека краен рок за изградба на автопатот Кичево-Охрид, согласно со анексот на Договорот, е крајот на 2023 година, како и дека активностите се движат со потребната динамика и секојдневно се работи на асфалтирање на петтата подделница.

Во финална фаза е тендерската процедура за избор на изведувачи за реконструкција на железничката делница Ногаевци Неготино на Коридорот 10, и за делниците Куманово-Бељаковце и Бељаковце-Крива Паланка, а за што инвестицијата е 200 милиони евра.

-Тимот кој работеше на овие процедури го заврши извештајот, имаме и позитивен одговор од ЕБРД од каде што ги добиваме средствата и сега се работи на сите технички работи во однос на потпишување на договорот, реалокација на средства, што исто така е последниот чекор и склучување договор за овие три делници, рече Бочварски.

Тој дополни дека е готов и проектот за пругата Битола Кременица за која Министерството за транспорт и врски го потпишало техничкиот прием. -Со тоа ќе може оваа пруга да биде ставена во функција, но ќе треба да се разговара со Грција за потпишување дооговор за да се увиди можноста за уште едно железничко поврзување со оваа држава, наведе министерот за транспорт.