Боемската улица во Дебар Маало во Скопје утрово беше претворена во уметничка галерија на отворено. На неа се изложени двесте детски цртежи кои пристигнаа на конкурсот „Пролетните авантури на Халки“, по повод одбележувањето на 15 Април – Светскиот ден на уметноста.
– Еднодневната изложба потсетува дека креативноста е темел за здраво општество, а уметноста има високо и значајно место во него. Децата преку цртеж праќаат клучни пораки кои возрасните треба да се потрудат да ги прочитаат. Тие се идните творци и уметници, тие се и публиката која ќе знае да ги цени вистинските вредности. Создавањето услови и слобода за детското креативно изразување, значи и градење почит кон уметноста, велат организаторите на изложбата.
Музичка поддршка на настанот даде дуото виолини Петар Поповски и Олгица Шундиќ, а Арта Ќаили од студиото Dancers United изведе модерен балет во слободна импровизација.
Денешниот ден, 15 Април низ светот од 2012 година се одбележува како Светски ден на уметноста со најразлични изложби, претстави, перформанси и трибини на кои се истакнува значењето на уметноста и во зачувувањето на мирот и слободата.