– Главните проблеми на населението и стопанството не само што не се решени, туку се и продлабочени во овие 4 години. Со водоснабдувањето нештата се влошени, нови водокорисници нема, а населени места секое лето со недели немаат капка вода. Со отпадите и депониите сме во ужасна состојба поради неспособноста да се најдат решенија – секојдневно неконтролирано се загадува нашето плодно поле, а пречистителната станица е целосно испокрадена и уништена и насекаде ни се закануваат се поголеми и поопасни еколошки катастрофи. Поради немањето функционален и прописен одвод пак, покрај на почвата, се случуваат можни загадувања и на подземните води од кои добиваме вода за пиење. Се потрошија купишта пари за канализација, но од сето тоа нема ништо, освен раскопани улици и огромен долг. Тужби и поплаки до општината се трупаат една на друга, се товарат тешки камати и трошоци, но ниту државата, ниту општината нешто презема околу тоа. Најпосле, во однос на патиштата и асфалтирањето ништо важно не е подобрено, освен ретки инвестиции во улици кои не се подмирени ни после 2 години. И во сите други работи, нештата се оставени сами на себе, без никаква стратегија и стручен пристап. Затоа револтот и незадоволството на жителите од нашата општина расне од ден на ден и сите сме свесни дека се потребни радикални промени, вели Богданоски.

Тој додава дека како кандидат за градоначалник, пред себе имам визија од нашата општина да создадеме поубаво, посигурно и посреќно место за живеење. За да го постигнам тоа, мојата работа морам да ја темелам на пет основни принципи:

Прво, нула толеранција за корупција и нула лично богатење од народни пари!

Второ, нула трошоци за бескорисни работи и личен комфор!

Трето, стратешко планирање!

Четврто, стручност и дисциплина!

И петто, правда и разбирање за сите луѓе!

– Доколку во потполност ги почитуваме сите овие принципи, успехот е сигурен. Ќе можеме да го одредиме патот за иднината и тој ќе биде добар пат. Ќе се посветиме целосно во сите сфери – образование, култура, економија, инфраструктура, јавна чистота, административно работење. Ќе создадеме поволна клима во која ќе може успешно да се води бизнис и во која што секој ќе биде добредојден да инвестира и да отвори нови работни места. Со тоа и земјоделството и пласманот на земјоделските производи ќе станат поуспешни и посигурни. Политиката нема да се меша во бизнисот, но се ќе биде насочено кон создавање услови за развој и напредок во кој се вклучени сите. Би сакал на крајот од ова мое обраќање уште да кажам што како градоначалник ќе биде мој приоритет да се реализира и кои крупни проекти од значење за остварување на мојата визија ќе бидат во преден план. Во делот на проблемот со загадувањето, за трајно решавање и ставање ред, предвидувам изградба на една централна депонија според сите законски прописи и светски стандарди. Исто така чистење и уредување на сите места со диви депонии ќе биде мој приоритет. Понатаму, решавање на проблемот со водоснабдувањето и честите дефекти и прекини на главниот довод Славеј – Кривогаштани ќе биде наша главна обврска, вели тој.

Богданоски додава дека покрај тоа, ќе ги приклучиме сите останати населени места на јавниот водовод, за што во рамки на техничките можности ќе направиме дополнителни бушотини на територија на нашата општина, која е богата со вода. Квалитетот на водата ќе се следи и ќе се одржува на највисоко ниво. Што се однесува на одводот, ќе направиме ревидирање на досега сработеното и ќе продолжиме се до ставање во функција на канализацијата до секој дом и компанија.

– За патната инфраструктура, покрај реконструкција и санација на истрошената асфалтна мрежа во населените места, ќе работиме и на полските патишта, за да го олесниме пристапот на земјоделците до своите ниви. Но, како најважен фокус за кој јас лично ќе се вложам најмногу во идниот мандат е изнаоѓање на техничко и законско решение за проширување на линиите Кривогаштани – Обршани и Воѓани – Боротино, бидејќи сегашниот начин на одржување со тампонирање на банкини е прескап, неефикасен и неодржлив. Во нашата програма која е во изработка ќе предвидиме и многу други проекти и работи, со кои наскоро граѓаните на општина Кривогаштани ќе бидат запознаени. Кривогаштани за сите луѓе, Македонија за сите луѓе, истакна Богданоски.