Имотот во Берово го купил татко ми од физички лица, а по неговата прерана смрт останува во наследство на мајка ми, изјави за Фокус, екс градоначалникот на општина Карпош Стефан Богоев, по обвинувањата од страна на ВМРО ДПМНЕ
Ннајголемата опозициска партија ВМРО-ДПМНЕ обвини дека поранешниот градоначалник на скопски Карпош, Стефан Богоев станува хотелиер на брегот на Беровското езеро.
„Имот од 7,5 илјади м2 , до езеро, купен лани, на 7ми октомври. 10 дена пред локалните избори. На име на мајката на Стефан Богоев, со намена за хотелски комплекс. Постапката е почната, фирмата е регистрирана, Стефан Богоев ќе стане хотелиер, тукушто излезе од градоначалничка функција“, тврди Наум Стоилковски, портпарол на опозиционерите.
Богоев објасни што значи тој имот, кој го купил и како според него, „вмровците“ ја злоупотребуваат целата ситуација.
„Имотот беше заедничка сопственост на татко ми и наши соседи. Тој имот е купен од физички лица, а не од државата. Татко ми почина пред шест месеци и тој имот останува во оставинска постапка на мајка ми, а тоа дополнително ја покажува нечовечноста на ВМРО-ДПМНЕ.
Дополнително, ДУП-от за којшто лажно говори Стоилковски е донесен многу пред Звонко Пекевски да стане градоначалник.
Факт е, исто така дека во моментов не се гради хотел, ниту пак во догледно време ќе има хотел на тоа место, исто како што Стефан Богоев нема никаква поврзаност со споменатата фирма“, истакна Богоев во изјава за „Фокус“.