Извршниот Комитет на ВМРО-ДПМНЕ, вечерва одржа седница на која се разговараше за актуелната политичка и економска состојба во Македонија, односите со Бугарија, а беа донесени и повеќе кадрови одлуки, се вели во соопштението испратено до медиумите од опозициската партија.
Извршниот Комитет смета дека односите помеѓу Република Македонија и Република Бугарија никогаш не биле полоши од сега, што покажуваат и постојаните тензии, уцени и условувања. Договорот за пријателство и добрососедство кој го склучи владата предводена од СДС и ДУИ со Бугарија, наместо за да носи пријателски односи и меѓусебна соработка, тој е затруено дрво кое раѓа затруени плодови. Никогаш досега немало таква несигурност во меѓусебните односи помеѓу Македонија и Бугарија, а уште полошо е што уценувачката бугарска политика на негирање на македонскиот народ, идентитет и јазик постојано се проширува. За таквите уцени кои немаат крај е виновник владата на Ковачевски која спротивно на барањата на македонските граѓани се согласи и овозможи на Бугарија да може да поставува нови и нови барања. Во однос на економската состојба беше заклучено дека во Македонија никогаш не се живеел полошо. Македонија руши рекорди по инфлација. Власта е неспособна да ги заштити граѓаните од постојаните поскапувања, но и не ги заштитува компаниите кои поради кризата секојдневно ставаат клуч на врата а со тоа илјадници граѓани остануваат на улица. Наместо тоа власта на граѓаните зачестено им задава нови удари како што се честите поскапувања на струјата, а потоа како домино ефект предизвикуваат поскапувања на се останато. Единствено за што е способна оваа власт е криминал и корупција, што го покажа и последниот извештај а Транспаренси Интернешнл каде Македонија е во друштво на Суринам, Тунис и Индија. Затоа, единствен спас и излез од оваа ситуација се предвремени парламентарни избори, за што поскоро да дојде власт која ќе почне да ја вади Македонија од калта во која ја заглавија СДС и ДУИ. Воедно, на седницата на Извршниот комитет беа донесени и кадрови одлуки. Нов претседател на Градски Комитет Скопје на ВМРО-ДПМНЕ е Бојан Христовски. Христовски е магистер на науки на факултетот за безбедност, при Универзитетот „Св. Климент Охридски“, а во својата струка има поминато повеќе меѓународни обуки. Од 2006 година има работно искуство во Министерството за внатрешни работи, каде бил на повеќе на раководни позиции. Христовски беше и директор на ЈП „Градски паркинг“ Скопје, истакнуваат од ВМРО-ДПМНЕ.
Нов претседател на ВМРО-ДПМНЕ ОК Тетово е пратеникот Александар Велјановски. Има долгогодишно работно искуство како самостоен стручен соработник во ЈЗУ Здравствен дом Тетово и директор на КПУ Воспитно поправен дом Тетово, додаваат од таму.