Дополнителниот заменик-министер за внатрешни работи Митко Бојмацалиев утрово остварил телефонски разговор со министерот за безбедност на Босна и Херцеговина Ненад Нешиќ, во врска со одобрувањето на Босна и Херцеговина за патување на граѓаните на Македонија со лична карта, соопштија од МВР.
Бојмацалиев и Нешиќ разговарале во насока на тоа во Босна и Херцеговина да може македонските граѓани да патуваат со лични карти со старото име, почитувајќи ја Спогодбата помеѓу Владата на Македонија и Советот на министри на Босна и Херцеговина за условите за патување на државјаните на двете земји, потпишана во 2018 година.
Во оваа прилика Бојмацалиев го истакна значењето на градење мостови со пријателските земји, и рече дека оваа можност е во рамките на засилената соработката и унапредените односи помеѓу Република Македонија и Босна и Херцеговина во изминатиов период, како и тоа дека истата пракса е веќе воспоставена и со Република Србија, Албанија и Косово каде што се дозволува влез со лична карта со старото име на државата. Воедно, Бојмацалиев потенцираше дека МВР е подготвено да стори се’ што е потребно за да им се овозможи на граѓаните да ги остварат сите свои со Устав и со закон загарантирани права – се подвлекува во соопштението од МВР.