Располагам со сознанија и докази за сторени кривични дела од високо профилни личности од сферата на политиката, правосудниот систем и бизнис елитата. Барам веднаш да бидам изведен пред вас и без одложување да ги поднесам кривичните пријави и да ви ги предадам сите докази со кои располагам во форма на аудио снимени разговори, транскрипти и остварени телефонски комуникации во форма на пораки, фотографии и видео записи. Ова го бара Бојан Јовановски, осуден на затвор од 9 години за случајот „Рекет“, во писмото до јавниот обвинител Ислам Абази, шеф на ОЈО за ГОКК Скопје.

Писмото до Абази било испратено на 16 февруари, но тоа до денеска не е сторено, па Боки-13 и неговите адвокати Владимир Туфегџиќ и Сашо Дуковски писмото го испратија и до јавноста.

Јовановски во писмото до јавниот обвинител бара поднесување кривини пријави на записник кои се однесуваат на лица и настани поврзани со коруптивни, казниви дела и криминални дејства на лица од највисоките државни структури од сферата на политиката, правосудството, бизнис елитата и други лица кои биле во заедничка корелација на сторување.

Тој најави дека на поднесувањето на кривичните пријави на записник ќе ги предаде сите докази во поткрепа на пријавите, а доказите кои ги поседува се во форма на снимени разговори, транскрипти, пораки, фотографски и видео записи ( т.н. „бомби” ).

Одбраната апелира со внимание да се следи процесот, особено важно поради статусот и положбата на Бојан Јовановски, за кого апелираат дека по почнување на овој процес ќе биде изложен на интензивна тортура, притисоци и закани. Оттука повикуваме на разумност и поддршка од општата и стручната јавност, се вели во пропратното обраќање и на адвокатите.

Барањето на Јовановски испратено до Абази го пренесуваме во целост:

„Во месец јули 2020 година почнав со пријавување и поднесување на кривични пријави на записник, заклучно со месец декември 2020 година пред јавен обвинител од ОЈО-Скопје и требаше да продолжам со поднесување на пријавите, но до ден денешен не сум повикан, иако тоа го барав и по писмен пат до обвинителот Гаврил Ристовски да бидам повикан од негова страна. За досега поднесените и комплетирани кривични пријави нема донесено никаква јавно-обвинителска резолуција, па оттука поради сензитивноста на поднесеното, сериозноста и карактерот на кривичните дела, особено поради мојата моментална положба и статус, барам да бидам изведен исклучиво пред вас, бидејќи изразувам целосна недоверба кон правосудниот систем, дотолку повеќе што во пријавите се опфатени лица со реална моќ и влијание. Целата моја доверба ја вложувам во вас, па затоа барам веднаш и без одложување да бидам изведен пред вас по ваша издадена наредба, особено важно што во овој период сум директна жртва на незаконито, фалсификувано и антидатирано судско решение донесено од Основен кривичен суд Скопје, за кое имам основано сомневање дека е донесонео од криминогени побуди и намери на поединци. Воедно, молам за заштита од ваша страна во рамки на законот, дотолку повеќе што сум се соочувал и се соочувам со реални закани по мојот живот и истото го очекувам да биде интензивирано после ова истакнато барање до вас за поднесување на кривични пријави“, се вели во писмото на Јовановски испратено од затворот Идризово.