Боки 13 осуден на пет години затвор во случајот „Меѓународен сојуз“ – Пресуда без негово присуство

Бојан Јовановски, познат во јавноста како Боки 13, е осуден на пет години затвор за измама и перење пари во случајот „Меѓународен сојуз“. Боки 13, кој сега е актуелен со свој поткаст, не дојде да ја слушне пресудата.

За делото измама е осуден на три години затвор, за перење пари е осуден исто на три години, односно единечната казна е пет години затвор, пренесе Слободен печат.

Обвинетата Јасна Ерцеговиќ е осудена на две години затвор, додека Христина Блажевска и таткото на Бојан се осудени на условни казни, сите обвинети за помагање при перење пари.

Проект за старски домови и повторно судење

Според обвинението, со наводен проект за изградба на старски домови, Јовановски измамил двајца бизнисмени, меѓу кои и покојниот Силјан Мицевски, а со парите што нивните фирми ги уплатиле, ги финансирал телевизијата „1ТВ“ и невладината „Меѓународен сојуз“ и купувал лични предмети.

Ова е втора пресуда за предметот кој почна во 2020 година. Јовановски првично беше осуден на девет години затвор, но Апелација го врати предметот на повторно судење. Јовановски беше во затвор за случајот Рекет, осуден на 9 години затвор. Но не ја одлежа цела казна бидејќи Апелација му ја намали казната на пет години поради лошата здравствена состојба.