Денеска во 10 часот Бојан Јовановски со прекар Боки 13 е хоспитализиран во Универзитетската клиника за хируршки болести Св.Наум Охридски Скопје, заради извршување на хируршка интервенција, тотална гастректомија, односно целосно отстранување на витален орган – желудник.

-Согласно специјалистичкиот извештај, ве информираме дека за извршувањето на операцијата која по својот карактер е сложена, високо – ризична и со неизвесен исход од истата, формиран е тим на повеќе хирурзи – специјалисти од областа кои ќе ја извршат операцијата, а истовремено напоменуваме дека хирурзите – специјалисти се оградуваат од ризикот и одговорноста за исходот од оперативниот зафат, дотолку повеќе што тие навремено и повеќекратно даваа категорични препораки и укажувања преку конзилијарните стручни мислења да не дојде до оваа операција и да се избегне овој мутилантен хируршки зафат, од причини што самата хируршка интервенција е високо ризична и сложена, придружувана со можни компликации кои можат да бидат кобни за пациентот, информира неговиот правен тим.

„Оттука, произлегува фактот дека поради апсолутно и крајно непочитување на издадените задолжителни препораки и мислења на стручните колегиуми на државните клиники од страна на судските власти и Управата за извршување на санкциите, дојде до оваа непосакувана и ризична актуелна здравствена состојба на Бојан Јовановски, после која во најдобар случај и позитивен исход од операцијата, Бојан Јовановски ќе биде со траен инвалидитет. Целата оваа ситуација и операцијата можеше да се избегне доколку властите кои одлучуваа по барањата за прекин ги почитуваа специјалистичките препораки кои категорично укажуваа дека ќе дојде до сето ова, бидејќи во затворски – пенални услови нема можност за лекување и третирање на болеста на пациентот.

Бојан Јовановски после денешната хоспитализација, во наредните денови ќе му бидат извршени сите потребни испитувања и подготовки за операцијата, по што хирурзите – специјалисти ќе пристапат кон извршување на истата.

Ја информираме јавноста, дека пред Основниот кривичен суд веќе е поднесено ново барање за прекин на издржување на казната затвор согласно чл.224 ст.2 од ЗИС и очекуваме одлука која ќе биде донесена во итен рок, која ќе биде темелена врз основа на реални факти и неселективна оценка на доказите со примена на начелото на хуманост, согласно новонастаната состојба, односно одлука со која ќе биде уважено барањето за прекин согласно сите исполнетите законски услови, совест и одговорност при одлучување од страна на судот.

Во овие чувствителни моменти за Бојан Јовановски и неговото семејство, ја повикуваме јавноста на солидарност и емпатија, како доблесни карактерни особини на секој поединец, бидејќи со овој пример на Бојан Јовановски имаме за цел да ги укажеме негативните појави, а истовремено да дадеме придонес кон подобрување на јавното добро“ – се наведува во нивното соопштение.